Фото: Одржан првиот селективен тренинг за кошаркарки родени 1990/2000 односно 2001/2002 

Македонската куќа на кошарката организира селективен тренинг за кошаркарки родени 1999/2000 односно 2001/2002 година, прв во оваа 2017 календарска година. И оваа година како и минатата, календарот на младинските репрезентации на Македонија е полн, па тренерите на клубовите од домашното првенство заедно со координаторот на сите селекции во женска категорија, Стојна Вангеловска, одлучија што порано да ги започнат подготовките.

Во спортскиот центар „Кале“ (мала сала), првин на паркетот излегоа кошаркарките родени 1999 односно 2000 година кои оваа година ќе настапат на континенталното првенство за кошаркарки до 18 години во Даблин, Ирска (4.-13. август). По два часа работење на индивидуалните и групните техники, на паркетот излегоа две години помладите кошаркарки кои оваа година во Скопје од 17. до 26. август ќе се натпреваруваат на Европското првенство.

„Мислам дека на првиот селективен тренинг се појавија голем број на деца каде што се покажа уште еднаш дека женската кошарка во Македонија постои и дека има талентирани деца, но и дека треба повеќе внимание да и посветиме на оваа генерација. Генерацијата М18 има поголемо искуство, тие први денес настапија. Голем број од нив имаат веќе два циклуси позади себе и мислам дека искуството е на малку повисоко ниво. Со помладите ќе треба да работиме многу повеќе, треба и клубовите да посветат внимание на индивидуална техника, елементарна. Имаме време, пред нас следи период каде што ќе имаме уште селективни тренинзи на кои ќе се одлучи кои 24 кошаркарки ќе влезат во потесниот круг односно кои ќе бидат пријавени во ФИБА. Пред самите подготовки ќе биде одлучено кои 16 ќе се борат за место на ЕП во Македонија, во Скопје, како и за првенството во Ирска “ – истакна Вангеловска притоа поздравувајќи ја организацијата на македонската кошаркарска федерација.

„Ме радува фактот што кај децата има желба за работа, како и желба за напредок. Останува на нив, а и на нас да им посветиме што поголемо внимание и да се обидеме за еден период од четири години да извадиме кошаркарки кои ќе ја отворат вратата за влез во сениорската репрезентација“ – дополни Вангеловска.

 










  

 

Ул. Македонија, 11А, ПФ 318
1000 Скопје, Р. Македонија
тел/факс: +3892 2464988
E-mail:
contact@basketball.org.mk
Сениорски Лиги: +3892 2454320
Младински Лиги: +3892 2464990

© 2006 Сите права задржани


Developed by Nextsense
Powered by webBuilder