МКФ - Соопштение до медиумите
Реакција на прес-конференцијата на кк Вардар 2000
МКФ е транспарентна организација која секоја година добива јавна верификација на своето работење од страна на сите свои членки, како и од надлежните државни институции.
Во текот на изминатата сезона бевме сведоци на многубројни дописи, изјави, прес-конференции, на кои раководството на КК Вардар 2000 и неговиот почесен претседател Владимир Воиновски изнесуваа низа дисквалификации, навреди и невистини кон Здружението на клубови од Прва Лига, комесарот за натпреварување на сениорските лиги и други тела на МКФ.
Жално е што навредите и дисквалификациите доаѓаат од еден клуб, поточно едно лице, кој во својата неславна историја има згаснато еден бренд како што е КК Вардар, со единствена цел да се забошотат долгувањата кон тогашните играчи на клубот. Уште повеќе, истото лице, сега во раководна функција на КК Вардар 2000, се обидува да ги префрли своите фрустрации што најдобрите играчи и репрезентативци го напуштија и го напуштаат клубот заради несоодветен третман и финансиски долгувања кон нив. Низ своите изјави, дописи и преписки, се обидуваше на сите можни начини, вината за слабите резултати на клубот (испадна од Прва Лига) да ја побараат секаде на друго место, освен кај себе.
Уште повеќе е жално што истото лице во континуитет ги омаловажува и сите свои колеги и клубови навредувајќи ги со погрдни квалификации.
МКФ, како здружение на кошаркарски клубови кои делат заеднички возвишени спортски цели, е здраво тело во кое не можат да опстанат вакви поединци кои очигледно залутале во оваа средина.
М-р Даниел Димевски претседател
|